НАРГИЛЕ БАР ВО БЕРЛИН ЗАБРАНИ ВЛЕЗ ЗА МАЖИ

Берлин, (ДПА)

Новиот бар за пушење наргиле во населбата Кројцберг во Берлин забрани влез за мажи, без исклучоци. Ниту неговиот сопственик Мухамед Армих не стапнува во барот во работното време.

Во областа во којашто мнозинството се арапско и турско население, целта на „Лејди Хука“ е да создаде простор кадешто жените ќе можат безгрижно да пушат наргиле, без да бидат вознемирувани. Армих вели дека бил инспириран од неговите три сестри.

„Честопати ми се жалеа дека мажите зјапаат во нив и дека бараат место каде би можеле да бидат слободни“, вели Армих.

Сите 60 места во кафулето се однапред резервирани за викендите. „Лејди Хука“ е отворен и за муслиманки, кои тука можат да ги извадат своите шамии.

„Тука доаѓаат жени од разни националности, чести гости се Германките и Британките“, вели сопственикот.

Германската асоцијација на хотели и ресторани вели дека сѐ повеќе се отвораат места кадешто пристапот е ограничен само на жени.

„Сѐ повеќе бизниси се фокусираат на одредени групи на гости или стилови“, вели портпаролката Штефани Хецкел.