Ќерката на најголемиот мексикански наркобос Хоакин Ел Чапо Гузман, Алехандрина Гузман, произведе пиво во негова чест.

Пивото „Ел Чапо“ е дел од брендот „Ел Чапо 701“, кој лансираше и колекција на облека. Таа го добила името откако „Форбс“ го смести Гузман на 701. место на листата на најбогати луѓе во светот во 2009. Во тој период, „Форбс“ го процени неговото богатство на една милијарда долари.

„Ова е крафт пиво, со 4% алкохол. Направено е од поинаков вид на јачмен, ориз и мед и има одличен вкус. Нашата идеја е да се продава во барови каде се служи крафт пиво“, изјави портпаролката на брендот Адријана Итурте.

Шише од 355 милилитри ќе чини 3,73 долари.

Ел Чапо во јули доби доживотна казна затвор од федералниот суд во Њујорк. Претходно во февруари беше прогласен за виновен по десет обвиненија, вклучувајќи трговија со дрога и перење пари. Тој беше екстрадиран во САД во 2017, откако повторно беше уапсен по спектакуларното бегство од затвор во Мексико две години порано.