НАСТАПУВА ГОДИНАТА НА БИКОТ, СИМБОЛ НА НАПОРНА РАБОТА И ПОЗИТИВНОСТ

Пекинг, (АП)

Годината на стаорецот традиционално е година на турбуленции во која што промени и катастрофи се вообичаени. Тоа секако беше случај со 2020, во која пандемијата на коронавирусот засекогаш ги промени светот и секојдневниот живот, а однесе и два милиона животи. Затоа она што следува е повеќе од добредојдено.

12 февруари го означува почетокот на годината на бикот, второто животно во кинескиот хороскоп, кое означува напорна работа, позитивност и искреност, велат астролозите.

„Бикот е приземен, лојален, нежен и доверлив“, вели астрологот од Хонгконг, Џупитер Лао.

Животните во кинескиот хороскоп се поврзуваат и со еден од петте природни елементи, што за бикот оваа година е металот.

Лунарната нова година е синоним за семејни обединувања, многу храна и гласни прослави, иако тие оваа година ќе изгледаат далеку поразлично поради пандемијата. Таа се прославува не само во Кина и Хонгконг, туку и во Јужна Кореја, Виетнам, Сингапур, Индонезија, Малезија и секаде каде што има бројна кинеска популација. Каде и да се одбележува, превладуваат темите на обединување и надеж.

За самите Кинези, Лунарната нова година е седумдневен државен празник, а Пролетниот фестивал трае 40 дена, кога стотици милиони луѓе патуваат дома за да бидат со семејството.