НАУЧНИЦИ РАЗВИЛЕ ПРОТИВОТРОВ ЗА НАЈОТРОВНОТО СУШТЕСТВО НА СВЕТОТ

Сиднеј, (Гардијан)

Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј развиле противотров за најотровното суштество на светот, австралиска кубомедуза. Таа во себе носи отров доволен да убие повеќе од 60 луѓе.

Еден убод од кубомедуза може да предизвика ужасна болка и некроза на кожата, а ако вбризганата доза од отровот е доволно голема, застој на срцето и смрт настапуваат за само неколку минути.

Користејќи уредување на геном, истражувачите од универзитетскиот центар „Чарлс Перкинс“ пронашле „молекуларен противотров“ кој ги блокира симптомите од убодот на кубомедуза доколку се прими во рок од 15 минути.

„Ниту едно друго животно не носи толкаво количество отров. Ова е првата молекуларна дисекција на начинот како делува овој тип на отров, а можеби и како делува кој било отров“, изјави водачот на студијата, Рејмонд Лау.

Австралиска кубомедуза има околу 60 пипала кои можат да пораснат и до три метри. Тие живеат главно во крајбрежните води околу северот и западот на Австралија и Филипини.