Речиси една година откако во земјата беше потврден првиот случај на коронавирус, Македонија денеска ја почна имунизацијата против ковид-19. Тоа беше овозможено откако во неделата Македонија ја доби првата пратка со 4.000 вакцини на „Фајзер/Бионтек“ од Србија и први кои ја примија беа примариус д-р Добринка Наунова-Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска од Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Планирано е денеска да се вакцинираат 260 здравствени работници. Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените лица од Ковид центрите во Инфективната клиника и Градската општа болница „8 Септември“.
Имунизацијата треба да стане помасовна откако, како што е најавено, овој месец ќе пристигнат и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.
Од почетокот на кризата, во Македонија се регистрирани 97.456 заразени лица, од кои починаа 3.003.