НОРВЕЖАНКАТА ХАРИЛА И НЕЈЗИНИОТ ВОДИЧ ГИ ИСКАЧИЈА СИТЕ 14 ВРВА ПОВИСОКИ ОД 8.000 МЕТРИ ЗА РЕКОРДНИ 92 ДЕНА

Непал, (Ројтерс)

Норвежанката Кристин Харила и нејзиниот водич Тенџен (Лама) Шерпа ги искачија сите 14 врва повисоки од 8.000 метри за период од три месеци, со што поставија нов светски рекорд. Триесет и седумгодишната Харила и 52-годишниот Тенџен го заокружија подвигот со искачувањето на К2, вториот највисок врв на светот.

„Тие станаа луѓе кои најбрзо ги искачија сите 14 врва“, потврди Таши Лакпа Шерпа, директорот на компанијата „Севн самит трекс“, која обезбедува логистика за планинарите.

Харила и Тенџен ја почнаа својата серија на 26 април, кога го искачија врвот Шишапангма во кинескиот регион Тибет и за сите 14 им требаа само 92 дена. Останатите врвови повисоки од 8.000 метри се наоѓаат во Непал (осум) и Пакистан (пет).

Досегашниот рекордер беше Непалецот Нирмал Пурџа, кој го оствари овој подвиг за нешто повеќе од шест месеци во 2019.

(Фото: Гети)