НОВИ ИЗВОРИ НА НАФТА ЗАГРОЗУВААТ РИБИ ПОСТАРИ ОД ДИНОСАУРУСИ

Кејптаун, (Гардијан)

Светлосин, постар од диносауруси и со тежина на просечен човек, коелакант е една од најретките риби на светот.

Најмногу 30 примероци од оваа риба живеат во водите покрај источниот брег на Јужна Африка и сега нивната иднина ја загрозува најновиот проект за пронаоѓање нафта во тоа подрачје.

Оваа риба, која има речиси непроменета форма 420 милиони години, се сметаше за исчезната сè до 1938 година, кога еден жив примерок бил фатен покрај пристанишниот град Источен Лондон. Во 50-ите години, тие биле пронајдени и околу Коморските Острови, за во декември 2000 година да биде откриена цела мала колонија на коелаканти во близина на заливот Содвана во Јужна Африка.

Сега, енергетската групација „Ени“ токму во тој појас планира да врши длабински истражувања на нафтата.

„Излевањето на нафтата во Мексиканскиот Залив во 2010 година ја десеткуваше рибната популација и ако тоа се случи и во паркот Симангалисо, коелакантите би можеле да исчезнат. Тие се многу чувствителни на вознемирувања во околината“, вели Ендрју Вентер, шефот на конзерваторската група „Вајлдтраст“.

Од „Ени“ велат дека е малку веројатно дека ќе има коелаканти во близина на првите места кадешто планираат да дупчат.