ОБАМА ВО ИНТЕРВЈУТО СО ПРИНЦ ХАРИ ГО ИСКАРА ТРАМП ШТО НЕОДГОВОРНО ГО КОРИСТИ ТВИТЕР

Лондон, (Би-Би-Си)

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, предупреди на неодговорно користење на социјалните мрежи во ретко интервју откако си замина од Белата куќа во јануари.

Обама беше гостин во божиќната емисија на принцот Хари на „Би-Би-Си радио 4“ и иако не го именуваше, тој на овој начин го искритикува својот наследник Доналд Трамп, кој секојдневно се огласува на Твитер, што понекогаш знае да биде вулгарно и агресивно.

„Ваквите активности не им ја даваат на луѓето вистинската слика за комплексните проблеми и се шират дезинформации“, кажа Обама.

Според него, тие што имаат моќ треба да внимаваат какви пораки постираат.

„Загрижен сум за иднината во којашто луѓето ги отфрлуваат фактите и го прифаќаат само она што ги зајакнува нивните ставови. Една од опасностите на интернетот е што луѓето можат да имаат сосема различни стварности. Тие се ограничуваат на информации што ги зајакнуваат нивните предрасуди. Оваа технологија треба да ја користиме на начин да овозможува различност на ставови и мислења, но да не води кон балканизација на општеството“, вели Обама.

Трамп често го обвинуваат дека претерано го користи Твитер, иако со тоа има можност директно да комуницира со американскиот народ.