Од првиот лет на хеликоптер на друга планета до лансирањето на телескопот „Џејмс Веб“, 2021 беше исклучителна година за вселенски потфати. Покрај врвните научни постигнувања, милијардерите полетаа до работ на вселената, првиот лет со цивили отиде во орбитата, а Вилијам Шатнер навистина виде како изгледа Земјата од горе.
Роверот на НАСА, „Персеверанс“, ги преживеа своите седум минути ужас и во февруари се спушти во кратерот Језеро на Марс. Оттогаш снима фотографии и собира камења, во обид да утврди дали „црвената планета“ некогаш била дом на микропски форми на живот. Овие примероци нема да пристигнат на Земјата пред 2030.
„Персеверанс“ со себе го донесе и малиот хеликоптер „Инџинуити“, кој во април го изведе првиот лет на друга планета. Тој треба да биде претходник на „Дрегонфлај“, дрон што во средина на следната деценија треба да бара знаци на живот на месечината на Сатурн, Титан.
Вселенскиот туризам конечно зеде замав во 2021. Ричард Бренсон и Џеф Безос конечно ги остварија ветувањата за приватни суборбитални летови, а ги следеше Илон Маск со тридневната мисија во орбитата со првиот целосно цивилен екипаж. За тоа време, руска екипа ги сними првите филмски сцени во вселената.
За време на Студената војна, вселенската трка ја водеа само САД и Советски Сојуз. Оваа година, Кина ја лансираше својата прва вселенска станица и успешно спушти ровер на Марс, до кој стигнаа и Обединетите Арапски Емирати.
Годината беше заокружена со лансирањето на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, 10 милијарди долари вредниот проект што се развиваше и градеше три децении. Замислен како наследник на „Хабл“, неговата супермодерна технологија ќе ни овозможи да погледнеме во почетоците на времето и да ги снимиме најраните ѕвезди, стари 13 милијарди години.