ОРЕГОН ПРВ ВО САД ИЗГЛАСА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА ПОСЕДУВАЊЕТО НА ТЕШКИ ДРОГИ

Сејлем, (Гардијан)

Паралелно со изборите за претседател, во некои американски сојузни држави се гласаше и за олеснување на законите за користење дроги.

Аризона, Монтана, Њу Џерси и Јужна Дакота ја изгласаа легализацијата на рекреативната употреба на марихуана, додека Орегон стана прва сојузна држава во САД во која нема да се оди во затвор за поседување на мала количина на тешки дроги.

Марихуаната претходно беше легализирана во 11 сојузни држави и во федералниот округ Колумбија, на кој му припаѓа главниот град Вашингтон. Победата може да го направи Њу Џерси најголем пазар за марихуана на источниот брег на САД и еден од најголемите во земјата.

Истовремено, гласачите во Орегон испишаа историја откако ја одобрија декриминализацијата на поседувањето на тешки дроги, како хероин, кокаин и ЛСД. Целта е поседувањето на мали количини да не се смета за казнено дело и за тоа да не се оди во затвор, туку да се прошири системот на лекување и одвикнување.