НАЈГОЛЕМАТА САНТА НА СВЕТОТ ИМ СЕ ЗАКАНУВА НА ОГРОМНИТЕ КОЛОНИИ НА ПИНГВИНИ И ФОКИ НА ОСТРОВОТ САУТ ЏОРЏИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Најголемата санта на светот, позната како А68а, е на пат да се судри со островот Саут Џорџија и постојат грижи дека тоа би можело да ги наруши економијата и разновидниот жив свет на оваа британска прекуморска територија.

Таа се откина од ледената плоча Ларсен Ц на истокот на Антарктичкиот Полуостров во јули 2017 и има слична големина како Саут Џорџија, каде што би можела да запре. Ако се случи тоа, таа би можела да претставува голема закана за тамошните колонии на пингвини и фоки, бидејќи ќе се блокираат нивните вообичаени маршрути, што ќе ги спречува соодветно да ги хранат младите. Исто така, сите суштества кои живеат на морското дно би биле здробени таму каде што А68а ќе се закотви, нарушување за чија обнова ќе треба долго време.

„Екосистемите можат и ќе се обноват, но ако сантата се заглави, таа би можела да остане таму и десет години“, изјави Герент Тарлинг од Британската антарктичка истражувачка база.

А68а сега е 150 километри долга и 48 километри широка.

Британските прекуморски територии често се нарекуваат гробишта на најголемите антарктички санти.