ОСНОВАВ ХОР ЗА ЖЕНИ НАД 40 ГОДИНИ, ИНСПИРИРАНА ОД ХРАБРОСТА НА ФРИДА КАЛО, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачката и наставничка по музичко образование Сузана Турунџиева основаше хор за жени над 40 години кој го нарече „Фрида“. Турунџиева вели дека долго време потајно имала желба да основа женски бенд, но не очекувала дека некогаш ќе основа хор.

Засега, хорот број 20 членки и одржуваат проби во основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје.

„Првичната замисла беше многу поинаква. Со Андријана Јаневска, со која соработуваме повремено, имавме идеја да формираме детско хорче и распишавме оглас за аудиција. Се јавија многу малку деца наспроти многу жени, кои беа желни за песна и дружење. Бидејќи во училиштето на Андријана нема услови за возрасни, изнајмивме простор и почнавме да работиме. За кратко време бројот се зголеми, а со тоа и ентузијазмот. И покрај тоа што се аматерки, брзо ги усвојуваа текстовите и ги примаа сите мои насоки, особено за детали околу вокалната техника. Репертоарот е неодолив: од обработки на стари и познати евергрини, до госпел музика, латино и македонски хитови. Тие уживаат, а јас уште повеќе додека ги гледам и слушам“, ни изјави Турунџиева, која е диригентка на хорот и го раководи сама.

Во декември хорот имаше настап од затворен тип и се подготвува за уште еден, на 14 февруари (Фото: Фејсбук)

Плановите на хорот се да настапува секој втор месец на различна музичка тема. Во моментов вежба љубовни песни за настапот на Денот на виното и љубовта.

„Каде ќе се одржи настанот, зависи од тоа колку нови членови ќе регрутираме во меѓувреме, бидејќи има огромен интерес. На нашиот прв настап, кој беше од затворен тип, гостинка ни беше Дени Жерновска, мојата Фрида, која непрестано ме потсетува на најважните животни вредности, а на клавир нѐ придружуваше маестро Огнен Стаматоски“, вели Турунџиева.

Дени Жерновска е девојка со посебни потреби, нејзина поранешна ученичка и голем љубител на музиката и често знаат да запеат заедно.

Инспирацијата за името на хорот е од прочуената мексиканската сликарка Фрида Кало, која како мала имала деформација на рбетниот столб. Подоцна доживеала сообраќајна несреќа при што се здобила со фрактура на рбетниот столб. Турунџиева вели дека отсекогаш ја инспирирала приказната за храброста на Кало.

„Нејзината страст за животот, наспроти тагата и болката кои ја заробиле во неподвижна состојба во која ги направила најграндиозните автопортрети, ми беше мотив да истражувам многу за неа низ годините и да ѝ се восхитувам. Ме инспирира уметноста во неа која ја издигнала високо, над сите нејзини неволји“, вели Туринџиева.

Таа во 1991 дипломираше соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а подоцна работеше како професорка во средното музичко училиште.

М. ЏАРОВСКА