ПИЈАНО КОНЦЕРТ ЗА 4 РАЦЕ ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Концертот на дуо пијано за 4 раце со Јулија Коќубан од Полска и Илја Максимов-пијано, Русија е денес на програмата на Охридско лето, од 21 часот, во Предворјето на „Св.Софија“.

Од Фестивалот велат дека Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното цеде со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“. Покрај уметничката кариера, Коќубан предава на Академијата „Бацевич“ во градот Лоѓ, а истовремено е основач и раководител на Летната академија со името на композиторката Гражина Бацевич.

Рускиот пијанист Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија, а неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па сѐ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имале посебно место во неговата концертна кариера. Покрај солистичката кариера, Максимов предава пијано на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург.

На програмата се дела од Моцарт, Дебиси и од Рахмањинов.