ПОЧИНА АЛФРЕДО КАСТЕЛИ, КРЕАТОРОТ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ СТРИП „МАРТИ МИСТЕРИЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Алфредо Кастели, креаторот и автор на легендарниот стрип „Марти Мистерија“, почина на 76 години, објави издавачката куќа „Серџо Бонели“.

Кастели се појавил на италијанската стрип сцена во 1960-тите, соработувајќи со неколку списанија, при што создал низа ликови. Меѓу нив бил и Алан Квотермен, кој послужил како основа за Марти Мистерија.

Во „Серџо Бонели“ работел од 1971, пишувајќи приказни за „Загор“, „Мистер Но“ и „Дилан Дог“, а ликот на Марти Мистерија е роден во 1982. Археологот и „детектив на невозможното“ се здоби со голема популарност поврзувајќи историја, археологија и наука, додека истражуваше и расветлуваше актуелни и минати мистерии.

„Марти Мистерија“ и натаму излегува во Италија, а низ годините беше преведен на бројни јазици, па така и на просторите на бивша Југославија.

Во 2015, на Кастели му беше доделена титулата Мајстор на стрипот.