Неколку пливачки клубови за млади почнаа со работа во зимскиот базен во Штип, кој се отвори по пет години застој во градежните работи. Поранешни пливачи од Штип оформија пливачки клубови, а почнува со работа и клубот „8 Ноември“, кој има над 70-годишна традиција.
„Формиравме повеќе пливачки клубови и ќе имаме термини за тренинзи најмалку трипати во неделата. Добро е што во новиот базен ќе пливаат деца од речиси сите основни училишта во Штип“, вели поранешниот пливач и ватерполист Горан Стојанов.
„Уште во првата недела списокот се зголеми на 80 членови“, рече поранешниот македонски репрезентативец и маратонец Дарко Нашко, член на ватерполо клубот „Видра“ од Штип.
Изградбата на зимскиот базен во Штип чинеше 600.000 евра. Тој има полуолимписки димензии, 25 на 12,5 метри.
Т. ЈОВАНОВСКИ