Катастрофални пожари ги опустошија крајбрежните градови источно од Атина, при што загинаа повеќе од 80 луѓе и беа уништени стотици куќи и автомобили, но големи проблеми од овој тип летово има и Шведска. Пожарите таму стигнаа на север сè до Арктичкиот круг, а големи штети изминатиов период претрпија и Португалија и САД.

(Фото: Гети)

Грција имаше невообичаено суви зима и пролет оваа година, оставајќи големи површини земјиште лесно запаливи.

„Освен сушата, и силината и насоката на ветерот определуваат колку уништувачки ќе биде пожарот. Жарот што се разнесува може да почне нови пожари и тие да се прошират на површина од неколку километри“, вели Томас Смит од Лондонскиот универзитет за економија и политички науки.

Автомобилите се како темпирани бомби во близина на оган (Фото: Гети)

Во некои случаи, површинските пожари, кои полесно се контролираат, можат да бидат добри, затоа што помагаат да се обнови растителниот свет.

„Проблемот настанува кога огнот ќе допре до пониските гранки и потоа се шири нагоре. Тогаш веќе не можете да го запрете“, појасни Кателајн Стоф, холандски експерт за шумски пожари.

Најопасниот дел од пламенот се вика глава на пожарот. Тој се движи напред со ветерот и директната борба против него е тешка поради долгите пламени.

Пожарите ја опустошија околината на Атина (Фото: Гети)

Во Грција, голем број автомобили се запалија, иако не биле во директен контакт со огнот.

„Тоа се должи на огромното количество енергија содржано во пламенот. Автомобилите можат да бидат оддалечени десетици метри и сепак да се запалат. Голем број жртви во Грција биле заглавени во автомобилите кога се обиделе да избегаат што е можно побрзо. Тоа беа како бомби што чекаат да експлодираат“, вели Александер Хелд, експерт за проценување ризици.

Иако чадот од изгорена вегетација е токсичен, тој брзо исчезнува и далеку поопасен е чадот што го произведуваат пластика и азбест од куќите.

(Фото: Гети)