Куклената претстава „Во детска соба“ премиерно ќе се изведе вечерва во Театарот за деца и младинци, со почеток во 19 часот. Станува збор за авторски проект на бугарската режисерка Милена Миланова, која живее и работи во Франција, а претставата е работена по различни современи методи.
Во претставата играат Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски. Музиката ја напиша Ервин Тул од Франција, а сценографијата, дизајнот и куклите се на Марина Червенкова од Бугарија.
Претставата зборува за четворица чудни специјалисти, вработени во компанијата „Kрени-носи”. Тие имаат способност да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивна задача е да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете, Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични и во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството.
Првата реприза е закажана за утре од 19 часот.