ПРЕМИЕРА НА „СВАДБАТА“ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва на малата сцена во Велешкиот театар „Јордан Х. К. Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Свадбата“, по текстови од Алан Бол, Антон Страшимиров и Катерина Момева. Режијата е на Софија Ристевска-Петрушева, која кажа дека во претставата се раскажани три приказни и има комичен нагласок.

„На свадбата отвораме ринг, каде се борат интимните приказни на ликовите. Во вториот дел се прикажани односите помеѓу синот, снаата и свекрвата, каде на гротескен начин ги разработуваме семејните врски. Во третиот дел актерите раскажуваат лични приказни на темите свадба, брак и живот“, рече режисерката.

Ова е нејзина трета претстава во Велешкиот театар, по „Жени“ и „Старицата од Калкута“.

Во „Свадбата“ играат Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Весна Димитрова-Бобевски и Славица Манаскова. Преводот е на Катерина Маркоска, сценографијата на Филип Коруновски, костимите на Катерина Чукниева, кореографијата на Кире Миладиноски, а музички соработник е Сашко Костов.

Ова е втора премиера на Велешкиот театар годинава и двете се подготвени од сопствени средства.

П. ПЕЧКОВ