ВО СВЕТОТ СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ПИЕ АЛКОХОЛ, ПРОСЕКОТ НАЈМНОГУ ГО КРЕВААТ КИНЕЗИ И ИНДИЈЦИ

Дрезден, (Гардијан)

Во светот денес се консумира значително поголемо количество алкохол отколку пред 30 години, за што во голема мера придонесуваат Кинезите и Индијците, покажа ново истражување.

Според сегашниот тренд, глобалното консумирање по глава на жител ќе порасне за дополнителни 17% во наредната деценија, откако во периодот од 1990 до 2017 имало пораст од 10%, беше објавено во магазинот „Лансет“. До 2030 година, половина од возрасните низ светот ќе пијат алкохол, а речиси една четвртина ќе се опиваат барем еднаш месечно.

„Светот не е на добар пат да постигне намалување на штетната употреба на алкохолот“, вели водачот на студијата, Јакоб Мантеј од Институтот за клиничка психологија и психотерапија во Дрезден.

Глобално, 237 милиони мажи и 46 милиони жени страдаат од болести поврзани со алкохол.

„До 1990 година, алкохолот најмногу се консумираше во земјите со повисок стандард, најмногу во Европа. Шаблонот денес е сменет, па низ Европа имаме намалување, а значително зголемување во земји како Кина, Индија и Виетнам“, додаде Мантеј.

По региони, алкохол најмалку се пие во Северна Африка и Блиски Исток, а најмногу во централна и источна Европа, повеќе од 12 литри по човек годишно. На првото место е Молдавија со 15 литри, па следуваат Русија, Франција и Португалија со по 12. Светскиот просек би требало да скокне од денешните 6,5 на 7,6 литри до 2030 година.