ПРИМЕРОЦИ СОБРАНИ ОД АСТЕРОИДОТ БЕНУ СОДРЖАТ КОМПОНЕНТИ КОИ ГО ПРАВАТ ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Хемиски компоненти на животот се пронајдени во зрнестата прашина од астероидот Бену, откри анализата.

Примероци од вселенската карпа, собрани од летало на НАСА и донесени на Земјата, содржат богата низа минерали и илјадници органски соединенија. Тие вклучуваат аминокиселини и нуклеобази, што се основни компоненти на ДНК.

Тоа не значи дека некогаш имало живот на Бену, но ја поддржува теоријата дека астероидите донеле клучни состојки на Земјата кога се судриле во нашата планета пред милијарди години. Научниците сметаат дека истите соединенија можеле да бидат донесени и на други светови во нашиот Сончев Систем.

„Она што го научивме од Бену е неверојатно. Тоа ни кажува за нашето сопствено потекло и ни овозможува да одговориме на оние навистина големи прашања како настанал животот“, вели Сара Расел, космички минералог од Природонаучниот музеј во Лондон.

Земањето примероци од 500 метри широкиот Бену беше една од најсмелите мисии на НАСА досега. Тоа беше изведено со леталото „Озирикс рекс“, кое собра примероци со својата роботска рака, ги складираше во капсула и ги донесе на Земјата во 2023. Околу 120 грама црна прашина можеби не звучи многу, но се покажа вистинско богатство. Таа беше анализирана од научници од целиот свет.

Новото истражување покажа дека вселенската карпа е преполна со соединенија богати со азот и јаглерод. Тие вклучуваат 14 од 20-те аминокиселини кои на Земјата ги градат протеините и сите четири прстенести молекули кои ја сочинуваат ДНК. Исто така е откриена низа минерали и соли, што сугерира дека некогаш имало вода на астероидот. Во примерокот е откриен и амонијак, кој е важен за биохемиските реакции.