Здравко Чолиќ со концерт во придружба на симфониски оркестар ја отвори реновираната Сина сала во Сава центарот во Белград. Концертот симболично започна со песната „Продолжи понатаму“ (Produži dalje), која предизвика силни емоции кај публиката. Песната во 1977 ја напиша Корнелије Ковач, а текстот е на Бора Ѓорѓевиќ, кој почина во Љубљана на 3 септември.
„Атмосферата јасно покажа дека салата, сега во модернизирана форма, е подготвена повторно да заземе централно место на мапата домаќини на големи културни и деловни настани“, велат од Сава центар.
Здравко Чолиќ е синоним за незаборавни концерти во Сава Центар од 1998, кога распродаде девет концерти по ред.
„За мене е големо задоволство што сум овде, оваа сала е навистина импресивна. Тоа што беше порано не е ништо во споредба со ова што е сега. Сум настапувал на бројни настани тука и верувам дека секој што ќе дојде ќе се чувствува убаво, затоа што ова е место кое ни требаше на сите“, рече Чолиќ.
Непосредно пред концертот на Чолиќ, Сината сала беше официјално отворена по воведниот збор на Кристина Милинчиќ, генерален директор на Сава центар. Водител на свеченото отворање беше актерот Милан Мариќ.
На црвениот тепих на отворањето се појавија повеќе познати личности од регионот, меѓу кои Раде Шербеџија, Лепа Брена, Драган Бјелогрлиќ, Драгана Мирковиќ, Ана Бекута, Сергеј Ќетковиќ, Констракта, Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Марија Шерифовиќ, Јелена Ѓоковиќ и многу други.
На отворањето имаше повеќе од 4.000 гости. Реновираниот Сава центар е проект на „Делта холдинг“, кој го врати со нов изглед еден од најважните симболи на Белград. Според Кристина Милинчиќ, компанијата инвестирала 120 милиони евра во реновирањето, а 40 милиони евра се наменети специјално за реставрација и доградба на Сината сала во која ќе се одржуваат и други концерти.