Романот „Ехото на акробатите“ на Владимир Јанковски ја доби наградата „Пегаз“ за 2024, а доделувањето и промоцијата на делото се најавени за 8 октомври од 20 часот во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје.
На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“). Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
Наградата „Пегаз“ ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. На шестиот конкурс пристигнале 56 ракописи. Во најтесниот избор биле разгледани и романите „И“ од Кристина Краличин, „Брчка или за болешливото здравје“ од Филип Љ. Трајковски и „73 денови“ од Иво Митев.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.