РОМАНТИЧЕН КОНЦЕРТ НА ЏЕЗЕРИТЕ СО МАРИЈА ДИМИТРИЈЕВИЌ ВО ЧЕСТ НА КАУНТ БЕЈСИ, КРАЛОТ НА СВИНГОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четвртиот концерт на Националнот џез оркестар откако свират под тоа име беше романтично потсетување на свинг музиката од 1930-тите и од 1940-тите, а се одржа сношти во Македонскиот народен театар.

На вечерта насловена „Џез лектира“, оркестарот нѐ прошета низ творештвото на биг бендот на Каунт Бејси и на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка Дајан Шур, добитничка на Греми награда за најдобра џез пејачка во 1986 и 1987. Нејзините песни, одлично ги испеа специјалната гостинка на концертот, Марија Димитријевиќ. Џезерите со мерак свиреа во чест на Бејси кој е првиот Афроамериканец кој освоил Греми во 1959, а го нарекувале и кралот на свингот.

Песните на американска џез пејачка и пијанистка Дајан Шур, одлично ги испеа специјалната гостинка на концертот, Марија Димитријевиќ (Фото: К. Попов)

Каунт Бејси е американски џез пијанист и композитор. Биг бендот го формирал во 1935 година, и го водел 50 години.  За диригентот на нашиот националнен џез оркестар, Џијан Емин стана познато низ интересни анегдоти и со неговиот специфичен хумор да ги најавува песните на концертите. „Треба да останеме силни“, кажа Емин на почетокот од концертот.

За песната “Hay Burner” диригентот раскажа дека е за сите оние кои завршуваат втори во трките, исто како коњите.  “Добро е да се освои и второ и трето и петто место, но најважно е да се учествува”, рече Џијан Емин.

Оркестарот отсвире и песна во чест на стотиот роденден на Воислав Бубиша Симиќ, српскиот композитор и диригент, некогашниот претседател на Здружението на композиторите и на Здружението на џез музичарите во Србија.

М. ЏАРОВСКА