РУСИНОТ УРУБКО ГО ПРЕКИНА „САМОУБИСТВЕНИОТ“ ОБИД ДА ГО ИСКАЧИ К2 ВО ЗИМА

Катманду, (Би-Би-Си)

Прославениот руско-полски алпинист Денис Урубко го прекинал „самоубиствениот“ обид да го изведе првото зимско искачување на вториот највисок врв на светот.

Тој вчера решил сам да тргне во освојување на К2, откако, според информациите, се скарал со колегите од полската експедиција. Урубко сакал да се искачи на К2 пред доаѓањето на подобри временски услови во март, но откако сите изразија загриженост за неговата безбедност, тој, сепак, решил да се врати во базниот камп.

Според портпаролот на експедицијата, Урубко инсистирал да стигне на К2 уште овој месец, со што тоа и официјално би се сметало за зимско искачување, што досега на никој не му успеало.

К2 е единствениот врв што никој досега не го искачил во зима (Фото: Гети)

„Денис си замина без радио, одбивајќи да дискутира за нашите планови. Тој се обиде да го убеди тимот да се качува во февруари, се скара со водачот на екипата и си замина без збор“, кажа Михал Лексински.

Колегите на Урубко го опишаа неговиот потег како голем ризик.

„Да се обидеш сам да го искачиш К2 во зимски услови е рамно на самоубиство“, изјави пакистанскиот планинар Мирза Али Баиг.

Урубко ги има искачено сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри, но К2 (8.611 метри) останува единствениот врв што никој не го искачил во зима.