САД е земја која најмногу придонесува за загадувањето со пластика на светот и итно ѝ е потребна национална стратегија за справување со пластичен отпад, се вели во нов извештај приложен до федералната влада.
Пластичниот отпад значително се зголеми во САД од 1960-ите и земјата денес генерира 42 милиони метрички тони пластичен отпад годишно, што е 130 килограми по човек. Тоа е повеќе од сите членки на Европската Унија заедно.
Инфраструктурата за рециклирање не успеа да го следи темпото на производство на пластика во САД. Од пластиката која завршува на депонии, 2,2 милиони тони секоја година истекуваат во животната средина, од што голем дел стигнува до океаните.
На светско ниво, најмалку 8,8 милиони тони пластичен отпад годишно завршуваат во морињата, што е рамно на еден ѓубречиски камион секоја минута. Ако сегашниот тренд продолжи, научниците предвидуваат дека до 2030, во морињата ќе завршуваат 53 милиони тони пластичен отпад годишно, што е околу половина од годишната тежина на риба што се улови во океаните.
Извештајот препорачува да се развие нова национална стратегија до крајот на следната година, со цел да се спречи протокот на пластика во океанот. Таа би се базирала на намалување на производството на пластика, особено за еднократна употреба, промовирање на алтернативни материјали и подобро справување со отпадот.