СДК.МК ЈА ПРОДЛАБОЧИ СОРАБОТКАТА СО РЕПУБЛИКА СЛОУЏАМАСТАН НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН

Вашингтон, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

На маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, известувачот на САКАМДАКАЖАМ.МК оствари исклучително квалитетна и плодна средба со султанот на Република Слоуџамастан Ренди Вилијамс. Се разговарало за продлабочена соработка, особено што султанот Вилијамс во 2020 година веќе бил во посета на Скопје, а известувачот на САКАМДАКАЖАМ.МК ја искористил средбата да побара поддршка за реализација на стратешките интереси на нашата земја.

Претставници на Република Слоуџамастан се присутни во медија центарот на НАТО самитот како забава за новинарите и медиуми од повеќето земји членки на алијансата им земаа изјави.

За Македонците, султанот Вилијамс рекол дека се фин и топол народ, и порача дека двете земји се определени за дополнително зајакнување на односите за попросперитетна иднина на нашите граѓани.

На средбата, султанот беше придружуван од Шефот Марк Корона, командантот на граничната служба на Слоуџамастан.

„Си-Ен-Ен“ во декември објави дека Вилијамс го поминал животот во обид да ја посети секоја земја во светот и откако ги посетил сите нации признаени од ОН, освен една, решил да изгради нова земја, именувана по негово радио шоу.

Додека чекате да ве поврзат со султанот во позадина оди химната на Слоуџамастан. – Визит картичка на султанот на Република Слоуџамастан (Фото: СДК.МК)

Република Слоуџамастан e микродржава, основана од диџејот Ренди Вилијамс во пустина во јужна Калифорнија. Има своја граница, со граничен премин, свои валута и химна. Луѓето можат да аплицираат за државјанство преку веб сајтот на Слоуџамастан. Во 2023 година, бројот на државјани беше 500, а одобрени се уште 4.500 апликации. Државјаните добиваат пасоши со цитати од рапери.

Слоуџамастан не се смета за легално суверена земја и не е признаена од ниту една влада. Вилијамс купи земјиште во 2019 година за 19.000 долари, прогласи независност од САД и ја воспостави микродржавата како забавна, тесно поврзната заедница која што се исмева со вообичаените проблеми на вистинските држави.

Ако се јавите на телефонскиот број оставен како контакт на веб сајтот и на визит картите кои што ги дели султанот, ви одговара говорен автомат со стандардни прашања (изберете 1,2,3… разни административни потреби), но можете да изберете 6 за да разговарате со султанот. Додека чекате да ве поврзат со султанот во позадина оди химната на Слоуџамастан.