СÈ ПОВЕЌЕ АВИОКОМПАНИИ ИМ ЗАБРАНУВААТ НА ПАТНИЦИТЕ ДА ЛЕТААТ СО ЗМИИ И ЕГЗОТИЧНИ ЖИВОТНИ

Њујорк, (Вајс)

Лоша вест за оние кои сакаат да летаат со свои егзотични домашни миленици: сѐ поголем е бројот на авиокомпании кои воведуваат строга политика околу внесување животни во авионите, дури и ако тие имаат терапевтско дејство.

„Саутвест“ е последната голема авиокомпанија која ќе им забрани на своите патници да патуваат со животни кои наводно им служат како „емоционална поддршка“, освен ако не станува збор за куче или мачка.

Според новата одредба, која ќе стапи на сила на 17 септември, во авионите веќе нема да смеат да се внесуваат животни како змии, пајаци и птици.

Ова уследи по најновиот тренд луѓето да носат со себе кенгур или боа, тврдејќи дека ги одржуваат смирени при летањето, што, пак, предизвикало бројни реакции од други патници, вработени и групи и организации за заштита на животни, велат од „Саутвест“.

Ова ќе биде дозволено само доколку патникот има потврда од професионалец дека животното му треба за емоционална поддршка.