ВЕТЕРОСКА, СЕКОВСКИ И БЛАЖЕВ СО ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА ВО СУЛИ АН ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Саботна ноќна треска“ е насловена заедничката изложба на Игор Сековски, Иван Блажев и Марија Ветероска, што утре (7 ноември) ќе се отвори во 20 часот во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан во Старата скопска чаршија.

Поделена во три сегменти – минато, сегашност и надеж, тројцата автори се претставуваат на изложбата со три различни уметнички форми: Сековски со видеоинсталација, Блажев со фотографии, а Ветероска со просторна инсталација.

Уметниците Игор Сековски, Иван Блажев и Марија Ветероска ја користат својата работа за да ги истражат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација што сега го дефинира животот во Скопје. Нивните колективни напори создаваат дијалог кој ја надминува обичната носталгија, навлегувајќи во филозофските и во егзистенцијалните импликации на живеењето во град кој изгубил голем дел од своето сврзно ткиво. Иако проектот ‘Саботна ноќна треска‘ колективно го критикува распаѓањето на урбаното и општественото ткиво на Скопје, тој, исто така, остава простор за потенцијално обновување“, вели кураторката Ана Франговска за изложбата.