СЕЛФИ ПРАВИ ВАШИОТ НОС ДА ИЗГЛЕДА ПОГОЛЕМ ЗА 30%

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Правење селфи од 30-ина сантиметри оддалеченост од лицето прави вашиот нос да изгледа за 30% поголем, стои во студијата објавена во журналот „ЈАМА пластична хирургија на лицето“.

Истражувањето покажа дека оние кои сакаат да прават корекции на лицето не би требало да се водат од фотографиите што самите ги снимиле.

„Сите би требало да бидат свесни дека кога правите селфи, тоа не е како навистина изгледате. Селфито може да го направи носот поширок и подебел, кога, всушност, не е, а луѓето сакаат да имаат помал нос. Се плашам дека сегашните генерации не го знаат ова. Тие само сакаат да се сликаат“, вели хирургот од Њу Џерси, Борис Пасховер.

Благодарение на социјалните мрежи, правење селфи стана еден од најголемите феномени денес. Во првата година од неговата појава, на серверите на „Гугл“ биле поставени 25 милијарди селфија.

Според анкетата што ја спроведе Американската академија на пластични хирурзи, 55% од хирурзите рекле дека нивните пациенти лани побарале козметички зафат за да изгледаат подобро на селфија, додека во 2016 година тоа биле 42%.