СЕМЕЈСТВОТО ГЛЕЈЗЕР НАЈАВИ ПРОДАЖБА НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Манчестер, (Би-Би-Си)

Омразените сопственици на Манчестер јунајтед, семејството Глејзер, објави дека размислуваат да го продадат клубот и дека „истражуваат стратешки алтернативи“. Американците го купија клубот во 2005 година за 1,34 милијарди долари, но никогаш не ја освоија довербата на навивачите, кои често протестираа против нив.

Управниот одбор ќе ги разгледа сите стратешки алтернативи, вклучувајќи нови инвестиции во клубот, продажба и други трансакции. Процесот ќе вклучи проценка на неколку иницијативи за зајакнување на клубот“, стои во клупското соопштение.

Семејството Глејзер го поседува и НФЛ тимот Тампа Беј.

Манчестер јунајтед ги освои последните трофеи во 2017, а шампион на Англија не беше од 2013, откако од клупата си замина Алекс Фергусон. Во минатото имаше повеќе навивачки протести против газдите, а оној во мај 2021 доведе до одложување на дербито со Ливерпул.