ШТИП СЕ ОБЕДИНИ ЗА СПАС НА ЧЕТИРИГОДИШНАТА СОГРАЃАНКА СИМОНА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Спортски екипи од училиштата, градинки, како и голем број граѓани се одзваа на целодневниот хуманитарен спортско-музички хепенинг за спас на четиригодишната Симона Хаџи Тошев, што денеска се одржува на плоштадот Слобода во Штип. Таа боледува од акутна лимфобластна леукемија и за нејзино лекување во странство потребни се 130.000 евра.

На плоштадот Слобода први настапија децата од градинката „Вера Циривири Трена“, што ја посетуваше и Симона и им порачаа на граѓаните да бидат хумани за да може Симона што побрзо повторно да биде со нив. На повеќе места во градот, каде што има соодветна програма, поставени се кутии за донации.

Во акцијата се вклучи и фудбалскиот клуб Брегалница, чие раководство одлучи приходот од завчерашниот натпревар со Кожув, како и приходите од наредните три натпревари во Штип, целосно да бидат наменети за малата Симона.

Локалната самоуправа пред три дена формираше солидарен фонд, во кој граѓаните и фирмите можат да донираат средства за хуманитарни цели. Договорено е првите средства што ќе се соберат да бидат наменети за лекувањето на Симона.

Т. ЈОВАНОВСКИ