Претставата на Народниот театар од Штип „Лекција“ е избрана да учествува на театарскиот фестивал „Танжер“ во Мароко. Ова е 20. издание на овој фестивал, кој ќе се одржува во Палатата на уметностите и културата во Мароко.
„Ова е прво гостување на македонски театар во Мароко, а и прво гостување на Штипскиот театар на африканското тло. Имаше голема селекција, бидејќи се работи за фестивал на кој учествуваат театри од целиот свет“, вели актерот Милорад Ангелов, кој во претставата игра со Ефтим Трајчов-Ѓаурски и Димитрина Мицкоска-Трајкоска.
„Лекција“, чиј автор е Ежен Јонеско, е во режија на Ѓорги Ризески, преводот е на Калиопа Петрушевска, кореограф е Бојан Мицев, а музиката ја напиша Антонио Ристески. Во Мароко премиерно ќе биде изведена на 6 декември.
Во Македонија оваа претстава првпат е изведена во септември 2023 како копродукција на НУЦК „Ацо Шопов“ и „Моушн нетворк“.
Т. ЈОВАНОВСКИ