„КРВАВА СВАДБА“ ВО РЕЖИЈА НА ФИЛИП ПЕТКОВСКИ ПРЕМИЕРНО ВО БЛАГОЕВГРАД

Скопје,(СМАРТ.СДК.МК)

На 7 септември, во Драматичниот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, премиерно ќе биде изведена претставата „Крвава свадба“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија, драматуршка адаптација и кореографија на македонскиот режисер и кореограф Филип Петковски.

Во претставата играат Ванина Јорданова, Самуил Сребрев, Недиљана Павлик, Лора Христова, Биљана Дилкова, Огњан Спиров, Теодор Каракачанов, Камен Стефанов, Иван Николов, Мартин Јорданов, Марина Фрцова, Александра Краснова, Катја Иванова и Матеј Мичев.

„Крвава свадба“ е приказна за трагична љубов, претворена во современ сценски ритуал кој ги спојува физичкиот и постдрамскиот театар, танцот и балканското фолклорно наследство – препознатливи елементи од сценскиот јазик на Петковски. Ликовите навидум наликуваат на обични луѓе, растргнати меѓу она што општеството го очекува од нив и она што нивните тела го посакуваат.

Сценографијата на Мартин Манев ја создава „сувата пустелија“ што ликовите постојано ја споменуваат во текстот, додека костимите на Антонија Гугинска Јорданоска ја интерпретираат културата на облекување во Андалузија преку современа естетика. Драматуршката адаптација ја трансформира жената од жртва во активен субјект, а поезијата на Лорка селективно се користи како коментар на сценското дејство.

Филип Петковски е режисер, кореограф и доктор на науки од областа на изведбените уметности од Скопје, Македонија. Неговата претстава „Ифигенија за ништо“ е добитник на три награди на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес во 2025 година, меѓу кои Гран при и наградата за најдобра режија, додека „Мац, мац“ ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на Меѓународниот театарски фестивал во Приштина во 2024 година.