ШВАЈЦАРЦИ ЌЕ ПРАВАТ ПАТЕКИ ЗА ПЛАНИНСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ ВО КРУШЕВО

Крушево, (СМАРТ СДК.МК)

Тим на швајцарски експерти, предводен од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф, пристигна во Крушево за да ги испита можностите за изградба на патеки за планински велосипедизам по меѓународни стандарди. Ова е иницијатива на скијачкиот центар „Панорама“ и „Панорама хотел и спа“ во Крушево и има за цел да ја дополни туристичката понуда во градот. Проектот се реализира со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

„Патувам на многу места каде што планинскиот велосипедизам е многу развиен или сè уште не е и овдека гледам голем потенцијал за негов развој. Имате многу убава природа, а ентузијазмот на локалната велосипедска заедница е голем. Едвај чекаме да видиме што ќе направиме тука за неколку години. За почеток можат да се проектираат почетнички патеки на планината, а потоа може да се изградат и поекстремни. Тука има секакви терени, и рамни и стрмни“, изјави Неф.

Тој порача дека со овие проекти Крушево може да стане и домаќин на меѓународни трки во планински велосипедизам.

Кочо Стојчески, сопственикот на „Панорама“, вели дека Крушево може да стане препознатливо не само по параглајдингот, туку и по планинскиот велосипедизам.

„Откако Неф и неговиот тим ќе ги завршат анализите, ќе заминат во Швајцарија за да направат мастер план. Потоа ќе обезбедат и надзор на изградбата, што значи дека тоа ќе биде нивни производ во Македонија“, рече Стојчески.