ПРВИТЕ МИСИИ НА ВЕНЕРА ПО НЕКОЛКУ ДЕЦЕНИИ ЌЕ ИСТРАЖАТ КАКО ТАА СТАНАЛА СВЕТ НАЛИК НА ПЕКОЛ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

НАСА објави дека ќе испрати две мисии за Венера со цел да се испитаат атмосферата и геолошките карактеристики на планетата. Мисиите, за чие финансирање се одобрени 500 милиони долари, ќе бидат лансирани меѓу 2028 и 2030 година.

„Овие мисии ќе бидат можност да се истражи планетата на која не сме биле повеќе од 30 години. Преку нив ќе се обидеме да разбереме како планетата станала свет налик на пекол, способен да топи олово на својата површина“, изјави директорот на НАСА, Бил Нелсон.

Венера е најтоплата планета во нашиот Сончев систем, со температури на површината од 500 Целзиусови степени.

„Неверојатно е колку малку знаеме за Венера, но комбинираните резултати од двете мисии ќе ни кажат за облаците, вулканите и самото јадро на планетата. Тоа ќе биде како нејзино повторно откривање“, изјави Том Вагнер од Научниот планетарен оддел на НАСА.

Само две мисии на НАСА досега ја имаат посетено Венера, „Пајонир“ во 1978 и „Магелан“ во 1990-ите.