ШВЕДСКА ПРВА ВО ЕВРОПА ЌЕ ВОВЕДЕ ПОВИСОКИ АЕРОДРОМСКИ ТАКСИ ЗА АВИОНИТЕ КОИ ПОВЕЌЕ ЗАГАДУВААТ

Стокхолм, (Гардијан)

Шведска ќе воведе повисоки аеродромски такси за авиокомпаниите чии авиони повеќе загадуваат при полетување и слетување, објави владата. Мерката ќе стапи на сила во јули и се очекува повеќе да ги погоди постарите авиони.

„Таксите за користењето на аеродромот ќе бидат значително повисоки кога авионот има поголемо влијание врз животната средина“, изјави министерот за инфраструктура, опишувајќи го планот како прв од таков вид во Европа, а можеби и во светот.

Токму во Шведска во 2018 година започна движење кое врши притисок врз јавноста да не се лета со авион за да се намалат јаглеродните емисии. Според Шведски железници, само еден лет меѓу Стокхолм и Гетеборг произведува количество на јаглероден диоксид рамно на 40.000 патувања со воз.