Македонија за првпат би можела да добие жена за претседател откако Гордана Сиљановска-Давкова оствари убедлива победа во вчерашниот прв круг на претседателските избори. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ освои 362.682, односно 40,08% гласови, двојно повеќе од актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој доби поддршка од 180.306 избирачи (19,93%).
Тие ќе се соочат во вториот круг на 8 мај, кога паралелно се одржуваат и парламентарните избори.
На третото место заврши Бујар Османи со 13,36% гласови, додека Максим Димитриевски е четврти со 9,26%. Потоа следуваат Арбен Таравари со 9,21%, Билјана Ванковска-Цветковска со 4,55% и Стевчо Јакимовски, кој не освои ни 1% гласови.
Државната изборна комисија објави дека излезноста на изборите била 49,95%.
Фото: СДК.МК