ПРВАТА ШКОЛА ЗА ДИЏЕИ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младите ќе учат како да ја користат диџејската опрема и како да изведуваат и продуцираат електронска музика и хип хоп, на првата школа за диџеи во Скопје.

Школата во скопското кафуле „Бруталиск“ ќе трае од 19 јуни до 1 јули и во тој период ќе има десет работни средби, во терминот од 14 до 17 часот секој работен ден. Организацијата е на „Бруталиск“ во соработка со „Арт бригада“.

„Часовите предвидуваат теоретско предавање и практично работење и вежбање на добиените знаења и вештини поврзани со диџејството. На крајот на школата, на 1 јули ќе се одржи вечерен настан во ‘Бруталиск‘, каде што учесниците пред публика ќе ги покажат стекнатите вештини“, велат организаторите.

Координаторка на школата е музичкиот педагог Емилија Ристановска, а предавачи ќе бидат Горан Кан, Теа Шалдева, Соња Исмаил, Чваре, Мирко Попов и Јулијана Папазова.

Регистрирањето се одвива преку мејлот [email protected], а бројот на местата е ограничен на 15. Цената на школата е 9.000 денари.

(Фото: Фејсбук/Соња Исмаил)