СЛАВНИТЕ ЛИЧНОСТИ И УНИЦЕФ ПОБАРАА ОД БОГАТИТЕ ДРЖАВИ ДА ИМ ДОНИРААТ КОВИД ВАКЦИНИ НА СИРОМАШНИТЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Дејвид Бекам, Били Ајлиш, Орландо Блум и други ѕвезди го поддржаа барањето на УНИЦЕФ богатите држави да им донираат ковид вакцини на сиромашните земји. Сепак, УНИЦЕФ предупредува да не се праќаат големи количества одеднаш, зашто сиромашните земји немаат ресурси веднаш да ги искористат сите вакцини, па би можеле да пропаднат.

„Пандемијата нема да заврши додека не заврши секаде“, вели Дејвид Бекам во писмото што славните личности го испратија до државите од Г7, барајќи од нив да донираат 20% од нивните вакцини до август.

Писмото го потпишаа и Енди Мареј, Оливија Колман, Кејти Пери, Јуан Мекгрегор, Вупи Голдберг, Клаудија Шифер и Пријанка Чопра Џонас.

Шефицата за вакцини во УНИЦЕФ, Лили Капрани, изјави дека богатите држави би требало да го вакцинираат своето население во исто време кога и остатокот од светот.

„Во еден момент ќе треба да се вакцинираат и оние под 18 години. Но, приоритет во моментов е ранливите групи низ светот да добијат вакцина. Велика Британија и земјите од Г7 можат сега да им донираат вакцини на сиромашните земји без да го нарушат вакцинирањето на своето население“, изјави Капрани.

Славните личности во своето писмо велат дека УНИЦЕФ веќе испорачува вакцини на сиромашните земји, но недостигаат 190 милиони дози.

„Земјите од Г7 наскоро ќе имаат доволно за да донираат 20% од вакцините меѓу јуни и август и со тоа да се обезбедат над 150 милиони дози за Ковакс програмата“, се вели во писмото.