СНЕГ ПАДНА ВО САХАРА ТРЕТПАТ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 40 ГОДИНИ

Лондон, (Индипендент)

Снег падна во Сахара, прекривајќи ги пустинските дини со бела покривка до 40 сантиметри.

Тој почнал да паѓа во алжирскиот град Аин Сефра во неделата, давајќи им ретка можност на локалните деца да уживаат во зимски радости. Сепак, поради порастот на температурите, тој не можел долго да се задржи и почнал да се топи во попладневните часови.

Снег во Сахара последен пат паднал во декември 2016 (Фото: Ројтерс)

Ова е само третпат во последните 40 години градот познат под прекарот Порта кон пустината да види снег. Во 1979 година, снежните врнежи траеле половина час, предизвикувајќи прекин во сообраќајот. Во декември 2016 година, тој се задржал речиси цел ден.

„Снег во Сахара е необична појава, но не е нешто што досега не е видено. Се чини дека фотографиите се направени во повисоките области на северот, кон планините Атлас. Условите биле погодени, па затоа не чуди што паднал снег. Ова секако има врска и со студените временски услови во Европа“, појасни портпаролот на Националната метеоролошка агенција на Велика Британија.