Градскиот парк во Скопје денеска (27 април) беше обоен во портокалово во чест на Денот на кралот на Холандија, со настан што ги поврзува холандската празнична традиција, велосипедската култура и еколошките навики. На просторот околу Холандскиот лавиринт и ридот спроти „Школка“ се одржаа креативни и еко активности, во организација на „Биди зелен“ и Амбасадата на Холандија.

Посетителите донесоа книги, спортска опрема и други лични предмети, кои ги заменија со други.
„Идејата е предметите да добијат нов живот, наместо да завршат во отпад, а посетителите преку едноставна размена да учествуваат во поодржлив начин на потрошувачка”, рекоа организаторите.
Дел од програмата беше и натпревар за накитени велосипеди, на кој ученици од скопските средни училишта учествуваа со велосипеди украсени на теми што ги поврзуваат Македонија и Холандија. Декорациите беа изработени од рециклирани материјали.

Се садеа и цвеќиња како заедничка акција за разубавување и озеленување на просторот.
Портокаловата боја е централниот симбол на холандскиот национален празник. Денот на кралот се одбележува на 27 април, кога е роденденот на кралот Вилем-Александер, а низ Холандија е проследен со улични прослави, пазари, концерти и носење портокалово.
Фото: К. Попов