Британската писателка Софи Хана, која ја нарекуваат новата Агата Кристи, ќе биде меѓу гостите на претстојното издание на литературниот фестивал Букстар (BookStar) во Скопје, што ќе се одржува од 2 до 4 октомври.
Книгите на Хана (1971) се преведени на над 50 јазици и продадени во милиони примероци ширум светот. Aвторка е на новата серија романи со легендарниот детектив Херкул Поаро, нарачани од семејството на Агата Кристи. Досега се објавени четири книги, а петтата излегува во октомври. Македонија ќе биде меѓу првите држави каде што ќе биде достапна нејзината најнова книга „Тивката ноќ на Херкул Поаро“.
Покрај Хана, досега се најавени уште неколкумина странски гости: Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија) и Франсис Кирпс (Луксембург).
Фестивалската програма ќе се одвива на повеќе локации во Скопје.