„СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ“ ПО ПЕТТИ ПАТ СЕ ИЗВЕДУВА ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 20 часот, на сцената на Велешки театар ќе биде изведена премиерата на претставата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, а во режија на Венцислав Ристов. По 1950, 1955, 1984 и 2005 година, ова ќе биде нејзино петто поставување, што е реткост за историјата на еден театар.

„Режисерот прави осовременување на текстот со адаптирана сегашност. Основата на приказната останува иста. Таа останува жестока сатира на чиновништвото и на бирократските процедури, кога малите луѓе се малтретирани“, кажа в.д. директорот Александар Ивановски.

Сценографијата е на Весна Богоевска, костимите на Невенка Тодоровска, а музиката на Сашко Костов. Настапуваат Младен Крстевски, Кети Борисовска, Талија Настова, Васил Зафирчев, Ѓорги Тодоровски-Трупче, Драган Миладиновски, Кирил Гравчев, Жарко Спасовски, Александар Георгиев, Мане Ташев и Кире Ацевски.

Поддржана од Министерството за култура, „Ревизор“ од Гогољ, во режија на Јани Бојаџи, нема да се изведе оваа година.

„Поради доцнење на термините, таа нема да се прикаже, бидејќи не се ни почнати подготовките. Се прават напори одобрените средства за „Ревизор“ да се искористат и таа да се одигра на почетокот на следната година“, појасни Ивановски.

П. ПЕЧКОВ