СТОТИНА УМЕТНИЦИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА ПРВИОТ ФЕСТИВАЛ НА АЛТЕРНАТИВНА УМЕТНОСТ „СИГНАЛ“ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Стотина странски и домашни сестрани уметници, алтернативни музички групи и диџеи, како и театарски и ликовни уметници и спортски акробати ќе бидат дел од првиот фестивал на алтернативна музичка, театарска и ликовна уметност „Сигнал“, што викендов се одржува во Штип.

„Покрај англиската електронска група ‘Спектар‘, настап ќе имаат и диџеи од Малта, Украина, Бугарија, Србија и од Македонија. Фестивалот ќе започне со отворањето на изложбата на познатиот уметник Марко Вуисиќ, кој ги освежи фасадата и ентериерот на Домот на младите, каде и ќе се одржува фестивалот“, вели директорот Горан Трајков.

Според Трајков, нешто слично во Штип се случувало пред 23 години, па сега Домот одлучи да организира нешто алтернативно, затоа што овие уметници заслужуваат да се презентираат, а голем дел од младата популација сака таква уметност. Трајков смета дека музичката програма е основа на целата замисла и тргнува од македонскиот и светски музичар Влатко Стефановски, кој ги бележи своите музички почетоци токму во Домот на младите додека бил војник во Штип.

Покрај музичката и ликовната уметност, ќе има и алтернативна театарска и спортска програма, вклучувајќи претстава со младите актери од Домот на млади и мотокрос трка со познати странски и домашни возачи.

Т. ЈОВАНОВСКИ