„ИРЕЦ“ НА СКОРСЕЗЕ ЌЕ ДОЦНИ ПОРАДИ ПОДМЛАДУВАЊЕТО НА ПАЧИНО И ДЕ НИРО

Лос Анџелес, (Индипендент)

Режисерот Мартин Скорсезе откри дека премиерата на неговиот нов филм „Ирец“ ќе доцни поради скапите сцени со специјални ефекти.

Гангстерскиот филм, кој се очекува да излезе на „Нетфликс“ есенва, периодов поминува низ процесот на сложена дигиталнa обработка, која ќе ги направи главните ѕвезди Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши помлади за неколку децении.

„За некои сцени ни требаше фокус на очите, затоа моравме да ги измазниме брчките“, рече Скорсезе во едно интервју и призна оти се плаши од исходот бидејќи „публиката е навикната на нивниот изглед“.

Продукцијата на мафијашката драма почна во 2016, а подоцна „Нетфликс“ ги откупи правата за светска дистрибуција и го зголеми буџетот од 105 на 125 милиони долари.