Новинарката и филмска критичарка Сунчица Уневска ја објави книгата „Македонска сага“. Станува збор за збирка рецензии, како и претходната „Седмиот печат“, но овојпат посветена целосно на македонскиот филм.
„Ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето до денес, период на т. н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија“, вели издавачот „Аквариус“.
Во книгата се објавени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева. Покрај рецензиите, Уневска направи и избор на новинарски текстови и коментари и на тој начин, книгата се претвора и во своевидна хроника на последниве триесетина години.
„Тоа е доста турбулентен период за филмската продукција во нашата земја, во кој ги доживеавме и најголемите успеси. Многу нешта во меѓувреме се сменија, а најмногу свеста дека македонскиот филм мора одново да се пронајде себеси и да го фати чекорот со светските текови. Некои нови проблесоци ветуваат дека не е сè загубено“, вели Уневска.
Промоцијата е најавена за јануари.