ТАПАТА Е ОТВОРЕНА – ПОЧНА 12. ОКТОБЕРФЕСТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Октоберфест во Скопје по 12. пат беше отворен вчера на традиционалниот начин на кој се отвора и Октоберфест во Минхен. Со дрвен чекан беше пробиен чепот на првото буре со пиво, а со изреката „Тапата е отворена“ (O’ zapft is) започна прославата во организација на Македонско-германското стопанско здружение во Скопје.

Околку 1.500 гости дојдоа на отворањето на скопскиот Октоберфест

Настанот го отворија директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс, новиот заменик амбасадор на Сојузна Република Германија во Македонија, д-р Петер Шалер, директорот на „Пивара Скопје“ Владимир Косијер и пратеникот на Бундестагот, Ханс Георг фон дер Марвиц.

„Особено нѐ радува што скопскиот Октоберфест од година во година станува сѐ попопуларен. Се бараше и оваа година карта плус. Кога започнавме со негова организација, првично беше планирано да е настан за нашите деловни партнери, клиенти и членови. Секоја наредна година бројот на присутните гости се зголемува и првичната бројка од 150 гости, оваа година достигна дури 1.500 гости. Покрај претставниците на бизнис заедницата, амбасадори и претставници од медиумите, оваа година со нас се и шест пратеници на Бундестагот“, рече Мартенс.

Традиционално, со дрвен чекан беше пробиен чепот на првото буре со пиво

„Октоберфест се слави веќе 200 години во Минхен и на овој настан доаѓаат 6 милиони посетители. Особено ми е мило дека прославата на Октоберфест во Скопје е прерасната во традиција, овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји“, рече германскиот пратеник Ханс Георг фон дер Марвиц.