ТРОЈЦА ПАТУВАВМЕ НА КЛУПА ВО МАЛО КОМБЕ НА ТУРНЕЈА НИЗ ЈУГОСЛАВИЈА, КАЖА БАЈАГА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српскиот рокер Момчило Бајагиќ-Бајага, кој со својот бенд „Инструктори“ ќе одржи концерт на 9 декември во салата „Јане Сандански“ во Скопје, вели дека уште чувствува адреналин по секој настап. Бајага доаѓа во Скопје во рамките на прославата на 30 години „Авалон продукција“. Јубилејот на „Авалон“ е блиску и до неговиот 40-годишен, кој е догодина.

„Се случувало во времето на Југославија да имаме и до 100 настапи годишно. Додека бев во ‘Рибља чорба’ патувавме со едно мало комбе, Бора Ѓорѓевиќ седеше напред, а ние тројца на една клупа позади. Сега си дозволивме малку поголем комфор. Во јули годинава го регистрирав новото комбе, а веќе имаме поминато 12.000 километри. Сега веќе ги нема големите турнеи како порано во Југославија, но јас сѐ уште не можам да заспијам по 2-3 часа по секој концерт од адреналин“, рече Бајага на денешната прес-конференција во Скопје.

Сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кажа дека продукцијата ќе го слави јубилејот цел декември, а концертот на Бајага од емотивни причини е во салата „Јане Сандански“.

Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон“, кажа дека концертот на Бајага во Скопје го организираат и од емотивни причини. (Фото: К. Попов)

„Јас 43 години живеам кај ‘Јане Сандански‘, Бајага има спиено во мојот стан, а кога видовме дека во оваа сала има услови за работа, решивме таму да биде концертот. Бајага беше еден од оние со кои започнавме да работиме со брат ми Даниел, кого веќе го нема, и логично е дека за 30 години ‘Авалон‘ и тој ќе има концерт“, кажа Милошески.

Бајагиќ рече дека сега има нови членови во бендот, нова ритам секција од млади музичари, за кои вели дека одлично звучат. Го искоментира новото време на социјалните мрежи, за кои рече дека ги нема и не го интересираат.

„Има некои млади деца во публика, знаат да снимаат релиси цел концерт. Се случи еднаш да ги замолам да ги остават телефоните и да уживаат малку во концертот. Ме послушаа и по три минути повторно продолжија да снимаат. А, на концерт во Загреб, повозрасните од публиката снимаа, а младите ги пребаруваа текстовите на старите песни кои не ги знаат, за да можат да пеат. Има неколку мои лажни профили на Фејсбук. Еден возразен човек, доктор, во една прилика ми пријде и ми кажа дека сме биле пријатели на Фејсбук. Се зачудив“, рече Бајага.

Додаде оти му е многу жал за актерот Жарко Лаушевиќ, кој почина на 15 ноември. Лаушевиќ глуми во спотот за неговата песна „Монтенегро“ и Бајагиќ кажа оти е штета што тој имал тажна судбина.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ