Во Ликовен салон Велес е отворена несекојдневна изложба на цртежи на ликовниот уметник Ангел Миов. Таа е дел од проектот „Кич да или не“ на Дирекцијата за култура и уметност од Скопје. Изложбата е именувана „Цртеж, да? Е или не?“, на којашто Миов се претстави со цртежи изработени со конец на платно.

Проектот „Кич да или не“ десет години се обидува, преку циклусот патувачки изложби низ градовите на Македонија, да одговори на оваа дилема. Во добивањето на одговорот, помагаат уметниците со нивните дела.

Тие наликуваат на цртежи, се цртежи, но не во конвенционална смисла со молив и хартија, вели авторот Ангел Миов (Фото: П. Печков)

„Миов не` исправи пред нова дилема со ‘Цртеж да или не‘. Структурата на неговите дела, во основа, е цртеж, но на еден специфичен начин, користејќи ги конците и белата позадина. Потоа, тој преку видеоматеријал го илустрира начинот на создавањето на сликите“, рече промотерот Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност од Скопје.

Миов дипломирал во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а 2011 магистрирал.

„Оваа изложба се базира на терминот цртеж како поим во уметноста. Тоа е цртање со конци на платно. Самата идеја ја презентирав преку видео, кадешто е прикажан процесот на создавањето на делата. Тие наликуваат на цртежи, се цртежи, но не во конвенционална смисла со молив и хартија. Крајната идеја е дилемата дали е цртеж или не. Во самите форма и изглед потсетуваат на некои таписерии, кои се правеа во 50-ите и 60-ите години на минатиот век. Тие беа инспирирани од традиционалните носии и теписи. Во мојот случај, не се линија и молив, туку конец и платно, со помош на неонка“, појасни Миов.

Тој е дел од групата Апостол Лука, која шест години ја фреско живописуваше црквата Св. Кирил и Методиј, а претходно и црквата Св. Богородица. Миов припаѓа на младата генерација ликовни уметници. Има реализирано 14 самостојни и повеќе од 30 групни изложби, колонии и фестивали.

П. ПЕЧКОВ