УКРАИНА ГО НАПАДНА ЕЈЧ-БИ-О ЗАШТО ВО НОВАТА СЕЗОНА НА „БЕЛИОТ ЛОТУС“ ЌЕ ИГРА МИЛОШ БИКОВИЌ, КОЈ ЈА ПОДДРЖУВА РУСКАТА ИНВАЗИЈА

Киев, (АФП)

Украинското министерство за надворешни работи ја критикуваше ТВ-мрежата Ејч-Би-О затоа што во новата сезона на хит-серијата „Белиот лотус“ ќе глуми и српскиот актер Милош Биковиќ, кој отворено ја поддржува руската инвазија на Украина.

Биковиќ доби руско државјанство во 2021, а Владимир Путин му го додели медалот „Пушкин“ за неговиот придонес кон руските култура и уметност. Во 2019 тој кажа дека му бил забранет влез во Украина од безбедносни причини.

„Милош Биковиќ, српскиот актер кој ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата, сега ќе биде ѕвезда на третата сезона на ‘Белиот лотус‘. Би го прашале Ејч-Би-О дали е во ред за нив да работат со личност која поддржува геноцид и кршење на меѓународното право“, напиша украинското министерство за надворешни работи на социјалните мрежи.

Биковиќ има играно во бројни руски продукции, вклучувајќи го и филмот кој се снимаше во вселената. Киев кажа дека тој снимал филмови и на анектираниот полуостров Крим.

Снимањето на третата сезона на „Белиот лотус“ ќе почне во февруари, ќе се случува во Тајланд, а премиерата ќе биде во 2025.